Агим Ибраими нема да потпише за Партизани – клубот од Тирана доби казна од ФИФА!

Поранешниот македонски репрезентативец Агим Ибраими, кој спогодбено си замина од Шкендија после прекинувањето на сезоната во која тетовци завршија дури како третопласирани нема да замине во Партизани од Тирана откако овој клуб добил жестока казна од ФИФА.

Ибраими имаше речиси договорен трансфер со Партизани, каде требаше да дојде како слободен играч, но вистински шок следувал од Цирих за албанскиот клуб, јавуваат медиуми од западниот сосед, откако Светската федерација ѝ удрила забрана за трансфери во времетраење од една година или – два преодни рока.

Партизани е казнет поради неправилен трансфер и прекршување на правилата на ФИФА, а плус ќе мора да платат казна од 80.000 евра. Со тоа, албанскиот клуб сега ќе мора со актуелниот погон да игра во новата сезона, зашто нема да смее да купува ништо во пролонгираниот летен преоден рок кој завршува на 5 октомври, како и во зимскиот јануарски преоден рок.

Инаку Ибраими има важечка суспензија за европски мечеви поради ланското исклучување во Луксембург со Дуделанж, кога му удри глава на судијата, па тој право на настап во Европа ќе има дури по 1 јануари идната година.