Требаше да биде нов крал на тенисот, а од Вимблдон нема титула
Откако во јули минатата година го совлада Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон, Шпанецот нема ниедна титула на турнирите, а од Мастерсот во Синсинати не успеал да стигне ни до финале. Во Синсинати загуби „добиен“ меч повторно против Ѓоковиќ и оттогаш се наоѓа во слободен пад кога станува збор за резултатите.
На УС Опен доживеа пораз од Медведев во полуфиналето, во Пекинг од Синер исто така во полуфиналето, а во Шангај од Димитров во четвртото коло. На Мастерсот во Париз доживеа сензационален пораз од Сафиулин уште во својот прв меч за на завршниот турнир во сезоната, во Торино да биде растурен од Ѓоковиќ во полуфиналето, во два сета. Ова значи дека половина година е без трофеј, а така ќе остане барем до средината на февруари кога му е првиот следен планиран настап, во Аргентина. Многу подобри резултати во последните шест месеци имаат другите тенисери од т.н. нов бран, пред се Синер кој утре ќе се бори за пласман во финалето на Австралија Опен.
Целиот овој период Алкараз имаше шанса да го преземе првото место на АТП листата од Ѓоковиќ, но токму тоа како да претставуваше бариера за него. Сега шансите за тоа му се многу мали бидејќи на следните четири турнири во февруари и март брани вкупно 1.910 бода, а Ѓоковиќ до април не брани ништо со тоа што може да го зголеми своето конто на Мастерсите во Индијан Велс и Мајами каде не играше лани, а потоа и во Монте Карло каде минатата сезона испадна во второто коло.