Светски новинари со критики за Ѓоковиќ поради спектаклот во Белград

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ беше критикуван од неколку светски новинари поради организацијата на „Адриа Тур“.

Регионалниот турнир во петокот беше отворен во Белград на спектакуларен начин и привлече многу тенисери, како што се Александер Зверев, Доминик Тим и Григор Димитров.

„Тенисерите ги критикуваат мерките на Ју-Ес Опен, велат дека не може да играат... Но, не се противат на играње пред полни трибини, со голем број деца, сите се прегрнуваат... Јас не можам да верувам во тоа што го гледам“, кажа Ник Мекарвел.

Веднаш по него реагираше и новинарот на „Дејли Мејл“, Мајк Диксон.

„Ако српските власти сметаат дека такви услови за публика се безбедни, тогаш тоа е нивна одлука. Но изненадување е тоа што странските тенисери се прегрнуваат со останатите, блиски се, додека во исто време се плашат од Ју-Ес Опен“, вели Диксон.