Синер го стигна Алкараз, идната недела ќе го помине

Италијанскиот тенисер Јаник Синер денеска ја почнува 36. недела на првото место на АТП листата со што се израмни со уште еден важен член од својата генерација Карлос Алкараз.

Разликата е во тоа што Шпанецот до 36 недели на челната позиција стигна во четири „мандати“: од 12 септември 2022 до 29 јануари 2023 (20 недели), па 20 март до 2 април 2023 (2 недели), од 22 мај до 11 јуни 2023 (3 недели) и од 26 јуни до 10 септември 2023 (11 недели), а Синер доминира од 10 јуни 2024 од кога се наоѓа на врвот на АТП листата. Со оглед на големата бодовна разлика во однос на ривалите, многу веројатно Италијанецот ќе остане на чело најмалку до сезоната на земја со што ќе избори уште барем десетина недели.

Во моментов тој е на делба на 16. место на листата на тенисери според бројот на недели на првото место, но извесно е дека ќе ги помине и Илие Настасе (40 недели), Енди мареј (41) и Густаво Куертен (43).

Што се однесува до најновата ранг-листа, во топ-10 скок направи само Алекс де Минор кој ги помина Данил Медведев и Новак Ѓоковиќ и сега е на шестото место.