Синер брутално искрен: Во што можам јас да се споредувам со Ѓоковиќ, луѓе мои!?
Пред почетокот на мастерсот во Мадрид, вториот играч на планетата беше запрашан дали смета дека е најдобар во светот во моментов, а со својот одговор тој покажа колкава почит има кон своите големи ривали.
„Тешко е да се одговори на тоа прашање. Мислам дека не можам апсолутно во ништо да се споредувам со Ѓоковиќ и со сето она што тој го направи. Имам многу почит кон него, како што го почитувам и Алкараз, кој освои повеќе титули од мене. Се трудам да играм тенис, да дадам се од себе и да видам што можам да постигнам“, изјави Синер.
Тој се присети и на моментот кога првпат го видел Рафаел Надал, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, особено за земјени терени.
„Кога имав 14 или 15 години, првпат отидов во Рим и го видов како тренира. Првпат го видов во живо и беше неверојатно. Можев да го видам тој интензитет. Така е и денеска. Страста го одржува, одлично е што и денес можам да го видам“, дополни Италијанецот.
Синер е слободен во првото коло во Мадрид, а во второто ќе игра против победникот од мечот Лоренцо Сонего против тенисер од квалификациите.