Шоу на Ѓоковиќ: Го испофали Медведев, па ги насмеа сите во Мелбурн (ВИДЕО)

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја освои деветтата титула на Австралијан опен откако го совлада Данил Медведев во три сета со 7-5, 6-2 и 6-2, иако сите очекуваа подолг натпревар со повеќе возбудувања.

Ѓоковиќ по натпреварот направи вистинско шоу додека даваше изјава. Тој најпрво го испофали противникот, а потоа кажа и неколку шеги кои ги насмеаа сите на стадионот во Мелбурн.

„Најпрво, ти си одличен човек. Поминавме многу време заедно, трениравме во Монако, но не ми се јавуваш во последните години. Сепак, мило ми е што имаш убави зборови за мене. Ми се допаѓа Данил како личност бидејќи ми е пријател, но на теренот е еден од најтешките ривали против кои сум се соочил во животот. Само прашање е на време кога ќе освоиш гренслем-титула. Ако не ти е проблем, да почекаш уште неколку години. Исто така, би сакал сите да ја поздравиме неговата неверојатна победничка серија. Неверојатно...“, се пошегува Ѓоковиќ и притоа го испофали ривалот.