Серена Вилијамс во солзи: Збогум, ми беше задоволство да играм пред вас!

Американската тенисерка Серена Вилијамс се ближи кон крајот на кариерата, а тоа го потврди и по поразот од Белинда Бенчиќ со 0-2 во сетови, односно 2-6 и 4-6 во второто коло од турнирот во Торонто.

Вилијамс го одигра својот последен натпревар во Канада, по што доби збогување какво што заслужи. Пред почетокот на дуелот беше пуштена специјална видео-снимка, а потоа доби дресови од НБА-тимот Торонто репторс и НХЛ-тимот Торонто Мепл Лифс.

„Ми беше задоволство да играм тука. Сакав да одиграм подобро вечерва, но Белинда беше одлична. Како што кажав и во магазинот, ужасна сум при разделби. Сепак, збогум. Задоволство беше да играм пред вас“, кажа Вилијамс.