Серена Вилијамс го одигра првиот меч по 364 дена и по три часа борба – загуби!

Една од најдобрите тенисерки на сите времиња, Серена Вилијамс, синоќа, во првото коло од „Вимблдон“, го одигра првиот меч по пауза од 364 дена и по голема борба што траеше три часа загуби од 115. тенисерка на светот Хармони Тан со 1-2 во сетови (5-7, 6-1, 6-7).

По пресметката, Американката не го криеше разочарувањето, но не бараше изговори за поразот.

„Некогаш треба да прифатите дека сте дале се од себе, но тоа не било доволно. Можеби да игравме следниот ден ќе бев подобра, но вечерва ова беше мојот максимум. Што ќе биде во иднина навистина не знам. Дојдов мотивирана бидејќи не играв долго, а 'Вимблдон' е мојот омилен турнир, но не успеав да победам. Се уште не знам дали ќе играм на 'Ју-Ес опен' иако шансите се големи, бидејќи во Њујорк е мојот дом, а тоа е првиот гренслем што некогаш го имам освоено“, изјави Серена по поразот.

Вилијамс, која досега има освоено 23 трофеи на четирите најголеми светски турнири, поради долгата пауза во моментов е на 1.204. место на ВТА-листата.