Руд закажа четвртфинале против Беретини на Ју-Ес Опен

Вечерва беа познати двајца патници во четвртфиналето на Ју-Ес Опен, откако најпрво Матео Беретини славеше со 3-2 во сетови (3-6, 7-6, 6-3, 4-6 и 6-2) против Алехандро Давидович Фокина, а потоа Каспер Руд го совлада Корентин Муте со 3-1 во сетови, односно 6-1, 6-2, 6-7 и 6-2.

Беретини тргна лошо и го загуби првиот сет со 3-6, по што во тај-брејк беше подобар со 7-6 за да израмни на 1-1 во сетови. Италијанецот целосен пресврт направи со 6-3 во третиот сет, но тоа не беше крај на битката.

Давидович Фокина не се откажуваше од четвртфинале на последниот гренслем-турнир во сезоната, па го доби четвртиот сет со 6-4, но потоа го загуби здивот, а тоа знаеше да го искористи Беретини кој стигна до 6-2.

Норвежанецот Руд немаше многу проблеми против Муте и ги доби првите два сета убедливо со 6-1 и 6-2, по што Французинот за момент се врати во игра и во тај-брејк стигна до 7-4 за да намали на 1-2 во сетови, но сепак седмиот тенисер на АТП-листата го уништи противникот во следниот сет со 6-2.