Пеколна ждрепка: Ѓоковиќ против Надал уште во четврт-финалето на „Ролан Гарос“!?

Најголемите фаворити за освојување на претстојниот гренслем-турнир „Ролан Гарос“, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, немаа преголема среќа на денешната ждрепка, која посака тие да бидат на истата страна од „костурот“ што значи дека би можеле да ги одмерат силите уште во четврт-финалето.

Тоа што би било финале за сите гурмани, со оглед на квалитетот и големиот ривалитет на двете тениски легенди, сега би морало да се случи многу порано, секако ако двајцата стигнат меѓу осумте најдобри на вториот годинешен гренслем. Србинот имаше дури и потешка задача со шпанскиот ривал, со оглед што по евентуалната пресметка со Рафа, ако победи, би можел да ги одмери силите со тинејџерската сензација, Карлос Алкараз.

Ѓоковиќ турнирот ќе го почне против Јапонецот Нишоико, Данил Медведев ќе почне против Беренкис, додека Александер Зверев во првото коло ќе се сретне против тенисер кој ќе ги помине квалификациите. „Ролан Гарос“ ќе започне в недела и ќе трае до 5 јуни на терените во Париз. Наградниот фонд е 43,6 милиони евра, а победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 2,2 милиони евра. Титулите ги бранат Ѓоковиќ и Барбора Крејчикова од Чешка.