Откриена цената на срамот: Познато колку заработи „најлошата тенисерка во историјата“

И понатаму една од главните теми во тенисот е настапот на египетската тенисерка Хаџар Абделкадер на турнирот во Најроби, која го понесе епитетот „најлоша тенисерка во историјата“.

Абделкадер настапи на ИТФ турнирот во Најроби благодарение на специјална покана, а во дуелот од првото коло против Германката Лорена Шедел, инаку 1.026. тенисерка на ВТА-листата, беше поразена по само 37 минути игра.

Шедел славеше со максимални 6-0, 6-0, а Абделкадер на целиот меч освои само три поени.

Она што на сите им беше очигледно, и тоа уште по првиот допир со топчето, е дека Абделкадер никогаш во животот претходно не играла тенис, ниту аматерски, а за пропустот на организаторите сè уште се зборува.

Но, она што е особено интересно е сумата која Абделкадер ја „стави во џеб“ за 37 минути прошетка по теренот.

Наградниот фонд на турнирот изнесуваше 25.000 евра, а за пораз во првото коло Абделкадер заработи 350 евра.