Од денеска Синер е на врвот, Ѓоковиќ падна на третото место!

Со почетокот на новата седмица се појави и новата АТП листа на тенисери, а таму по долго време се случи промена, Јаник Синер е нов лидер.

Новак Ѓоковиќ кој беше неприкосновен, падна дури на третото место. Причина за тоа е неговиот ран крај на настапот на Ролан Гарос откако се откажа поради повреда. Србинот на новата табела има 8.360 поени.

Ѓоковиќ минатата недела беше 428. пат на врвот на АТП листата, а таа позиција ја држеше и во последните 39 недели. Конечно се случи промена на лидерската позиција.

Нов лидер е италијанскиот тенисер Јаник Синер со 9.525 поени, а на второто место е новиот освојувач на Ролан Гарос, Шпанецот Карлос Алкараз со 8.580 поени.

Во топ десет уште се и Александер Зверев, Данил Медведев, Андреј Рубљов, Каспер Руд, Хуберт Хуркач, Алекс де Минор и Григор Димитров.