Ноле брутално искрен: Се мачам да играм – сѐ е борба за мене!

Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, призна дека има тешкотии да игра на нивото што го посакува, откако беше елиминиран во второто коло на Мастерсот во Индијан Велс.

Најдобриот тенисер на сите времиња загуби од Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп (2-6, 6-3, 1-6), кој е 85. играч на светската ранг-листа, во неговиот прв меч на турнирот, бидејќи како шести носител беше слободен во првото коло.

„Очигледно, работите се различни за мене во последниве неколку години. Се мачам да играм на нивото што го сакам. Повремено имам добри турнири, но генерално, тоа е вистински предизвик. За мене, се ова е борба. Во одредена мера, ништо не може да ве подготви за овој момент. Мора да го искусите и да се обидете да се носите со ситуацијата на најдобар можен начин“, изјави Ѓоковиќ, за кого ова беше трет последователен пораз оваа сезона, нешто што не му се случило во последните седум години.

Тој истакна дека имал свои шанси во третиот сет, но не успеал да ги искористи.

„Првите три-четири гема беа доста неизвесни. Имав шанси, направив некои ужасни грешки. Кога ќе се осврнам, гледам дека можев да направам повеќе, но тој одигра неколку одлични поени на мој сервис. Не смеев да дозволам тоа да се случи“, рече Ѓоковиќ.

Србинот останува рекордер со 40 титули на Мастерс турнирите, пред Рафаел Надал (36) и Роџер Федерер (28). На овие турнири, Ѓоковиќ има 409 победи и 91 пораз, додека Надал е со 410 победи и 90 порази. Ван де Зандшулп, кој влезе во главниот ждреб како „среќен губитник“, во третото коло ќе игра против Аргентинецот Франсиско Серундоло.