„Не се грижам за Ѓоковиќ – формата е минлива, но класата е вечна!“

Новак Ѓоковиќ вечерва против Пјер-Иже Ербер (Франција) ќе ја започне мисијата за одбрана на трофејот на Ролан Гарос, а во таа насока британската легенда Тим Хенман во интервју за „Еуроспорт“ потенцира дека е сигурен дека на овој гренслем ќе видиме „сосема поинаква верзија“ на српскиот тенисер.

Тој потенцира дека нема простор за паника без разлика што најдобриот на светот не игра добро оваа година.

„Ова е класичен случај на изреката 'формата е привремена, а класата е вечна'. Со тоа искуство, Ѓоковиќ не мора да се грижи што се случуваше во изминатите четири-пет месеци, може само да се концентрира на првиот меч. Сè може да кликне за него во само неколку сета. Сака предизвици кога се бори со проблеми, кога публиката е против него. Тогаш неговиот фокус, неговата концентрација е уште поголема“, изјави Тим.

Српскиот ас годинава не стигна до финале на ниту едно натпреварување, а во претстојниот меч влегува со скор од 14 победи и шест порази од почетокот на сезоната.

„Не ме залажува статистиката пред овој турнир. Тој подобро од кој било знае што е потребно за да се освои гренслем и ако ги помине првите неколку натпревари, тој и понатаму е еден од фаворитите. Новак знае што треба да направи, ќе биде многу концентриран за да го оствари својот план. Имаше периоди кога му го одвлекуваа некои други работи, но мислам дека ќе видиме поинаков Ѓоковиќ“, заврши Хенман.