Најтрофејниот тенисер на сите времиња се нуди да му биде тренер на Ѓоковиќ!

Легендарниот американски тенисер, Џими Конорс (71 година), му се понуди на Новак Ѓоковиќ да биде негов нов тренер по прекинот на соработката со Горан Иванишевиќ.

Ова поранешната ѕвезда го изјави во подкаст кај неговиот син Брет, признавајќи дека со задоволство би соработувал со српскиот тенисер, секако доколку тој го сака тоа.

„Кој не би сакал да му биде тренер на Ѓоковиќ. Доколку се укаже шанса, секако би бил почестен со таквата улога, па дури и само со размислување за мене во тој контекст“, изјави осумкратниот гренслем-шампион.

Конорс стана тенисер број еден во светот во 1974 година, пет пати ја освои титулата на УС Опен, двапати на Вимблдон и еднаш на Австралија Опен, а земјена подлога беше неговиот најголем проблем , па на четири настапи во полуфиналето на Ролан Гарос ниту еднаш не влезе во финалето. Тој беше само вториот играч во отворената ера на тенисот кој триумфирал на три гренслема во една календарска година. Порака до Србинот имаше и синот на Конорс.

„Новак не игра секоја недела, тоа е една од работите што може да бидат корисни. Не сакате да патувате 40 недели годишно, а тоа не го сака ниту Србинот. Тој веројатно сака само да игра на најголемите настани. Ноле, јави му се на татко ми ако размислуваш на сличен начин“, изјави Брет Конорс.

Џими Конорс сè уште го држи рекордот по број на освоени трофеи кај тенисерите и тоа со победи на 109 турнири, а вкупно во кариерата одигра 1.557 натпревари и оствари 1.274 победи.