Најдобрата светска тенисерка се раздели со тренерот

Иако се наоѓа на првото место на ВТА листата, полската тенисерка Ига Швјонтек денеска објави дека ја прекинува соработката со својот тренер Томаш Викторовски.

Соработувајќи со него претходните три години, таа освои три Гренд слем и девет Мастерс титули, а дојде и до бронзата на Олимписките игри. Најважно од се, оод април 2022 година, со мал прекин, вкупно 123 недели е на првото место на ВТА листата и големи се шансите на таа позиција да ја заврши и оваа година.

„Тренеру, благодарам, ти посакувам се најдобро. Знам дека би сакале да се опуштите по овие три години напорна работа, да патувате и да поминете заслужено време со своите најмили. Поради оваа важна промена во мојот тим, си давам неколку недели да почнам да работам со новиот тренер. Сега водам преговори со странски стручњаци бидејќи сум подготвена да го направам следниот чекор во кариерата. Ќе ве известам кога ќе донесам одлука“, објави Швјонтек.

Не е исклучено таа да почне да работи со новиот тренер по завршување на оваа сезона бидејќи до нејзиниот крај има само уште еден месец. Поради разделбата со тренерот, Швјонтек го откажа своето учество на претстојниот Мастерс во Вухан.