Надал жестоко по Алкараз: Ако ти се згадил тенисот – откажи се!
Вујкото и поранешен тренер на Рафаел Надал не го разбира ставот на неговиот сонародник бидејќи, како што вели, во животот човек мора да се жртвува.
„Ако му се згади од тенисот, нека се откаже. Сè се преувеличува во светот на спортот, не е поентата на животот да го правиш само она што го сакаш. Карлос плаќа одредена цена затоа што е одличен тенисер, но заработува многу повеќе од луѓето на негова возраст и доживува искуства за кои тие не можат ниту да сонуваат. Мора да го прифати предизвикот, поднесувањето жртви е дел од животот.“, изјави 65-годишниот Шпанец.
Алкараз неодамна изјави дека распоредот на турнирите е „невозможен“, како и дека сака повеќе одмор за да остане свеж во текот на целата година. Пред Ју-Ес Опен паузираше четири и пол месеци поради повреда, но тоа не го спречи прилично лесно да се пласира во третото коло, со само еден загубен сет во дуелите со Роман Сафиулин и Жаиме Фарија.
Следниот предизвик за бранителот на титулата ќе биде 113. тенисер во светот, Јибинг Ву, а по Кинезот би можеле да следат вистински тестови за неговата форма. Во осминафиналето би можел да се сретне со Томи Пол или Александар Бублик, а потоа со Бен Шелтон во четвртфиналето.
Шпанскиот ас има статус на фаворит поради отсуството на Јаник Синер, додека Новак Ѓоковиќ прерано го заврши настапот, па за најголема закана за Алкараз сега важи само Зверев.
Фото: ATP Tour