Струга се засили со „Французин“ од Теарце, Башкими донесе двајца напаѓачи!
Струшкиот тим го потврди трансферот на 19-годишниот дефанзивец Анди Демири, кој стави потпис на двегодишен договор. Станува збор за централен дефанзивец висок 192 сантиметри, кој потекнува од Теарце, но кој својот фудбалски развој го градеше во Франција. Демири кариерата ја започна во младинскиот тим на Вашкел, а во летото 2024 година се пресели во академијата на францускиот прволигаш Лил. Неговиот потенцијал беше препознаен и од Фудбалската федерација на Косово, па тој веќе има забележано настапи за косовската селекција до 19 години, а одработи и тренинзи со сениорската репрезентација под водство на селекторот Франко Фода.
За разлика од Струга која инвестира во одбраната, кумановски Башкими ги промовираше последните две засилувања за летниот преоден рок, фокусирајќи се на нападот. Нови имиња во клубот се Антонио Да Силва Санка, познат како „Рашид“ и Елиас Ганим. Рашид е поливалентен фудбалер кој може да игра како крило или централен напаѓач, додека Ганим е класичен крилен играч. Овие трансфери доаѓаат како директна реакција на лошата форма на тимот. Кумановци, кои минатата сезона завршија на седмото место, имаат катастрофален старт на новата натпреварувачка година со пет порази во првите пет натпревари.
Поради ваквиот биланс, раководството веќе направи промена на тренерската позиција, назначувајќи го Шабан Сулејмани на местото на Гајур Реџепи.