Борачите доминираа на доделувањето на државната награда „8 Септември“!

По повод Денот на независноста, денеска во Собранието на свечена церемонија беа доделени престижните државни награди „8 Септември“, кои најмногу завршија во рацете на легенди на македонското борење.

Министерството за спорт по четиринаесетти пат им оддаде признание на спортските великани кои со својата долгогодишна посветеност испишаа историски страници за македонскиот спорт. Одборот за доделување на наградата ги избра Димче Ангелов (борење), Ацо Крстов (борење), Ангел Мицевски-Скакар (борење) и Дејан Ангеловски (атлетика) како луѓето чии резултати станаа дел од колективната меморија на нацијата

Највисокото признание, наградата за животно дело која има траен карактер, сосема заслужено замина во рацете на Трајче Димков. Неговото име е синоним за македонското борење, на кое му посвети повеќе од четири децении како натпреварувач, тренер, селектор и неуморен спортски работник. Тој е архитектот на еден од најголемите клупски успеси во историјата на независна Македонија – освојувањето на европската круна со БК „Бучим“ од Радовиш во 1995 година. Неговиот огромен придонес продолжува и низ репрезентативните успеси, предводејќи ја Македонија како селектор на Олимписките игри во Пекинг 2008 година, додека неговите пулени со години носеа медали од европските првенства и Медитеранските игри.

Присутните ги поздрави Министерот за спорт, Борко Ристовски, кој нагласи дека државата има обврска да ги вреднува луѓето зад кои стои огромен труд, дисциплина и создавање на шампионски генерации.

„Спортот има една исклучителна моќ – во неколку секунди да обедини цел народ. Кога македонски спортист стои на победнички подиум, кога се крева македонското знаме, тогаш нивниот успех престанува да биде само личен. Тој станува успех на Македонија. Животно дело не се создава со една победа или една сезона, туку со децении во кои човекот останува верен на спортот и зад себе остава луѓе кои продолжуваат таму каде што тој започнал.“ – истакна Ристовски.

За овогодишните награди одлучуваше стручен одбор составен од 13 истакнати спортски работници и професори, избирајќи ги најдобрите меѓу вкупно 15 поднесени кандидатури.