Одбојкарите пред ЕП во Софија: Ќе гинеме за секоја топка - ова за нас е како Олимпијада

Македонската машка одбојкарска репрезентација е подготвена за нов голем предизвик, денеска го најавија заминувањето за Софија, каде на 9 септември и официјално ќе го започне своето четврто последователно учество на завршниците на Европските првенства.

На денешната прес-конференција во Скопје, предводени од стручниот штаб и најискусните поединци, нашите одбојкари ги изнесоа очекувањата за континенталниот собир во Бугарија, свесни за пеколната конкуренција, но и максимално мотивирани да ја израдуваат македонската јавност. Селекторот Јошко Миленкоски не ги крие картите и е свесен за тежината на групата во која се наоѓаме. Тој потенцираше дека репрезентацијата ќе игра против светскиот крем, но точно знае каде лежи нашата шанса за успех.

„Ова е манифестација каде ќе продефилираат најдобрите. Полска, Бугарија и Украина се меѓу првите 10 на светската листа, а тука се и Португалија и Израел. Искрени да бидеме, првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска можеби ќе ни бидат подготвителни за она што следи – најважните мечеви против Португалија и Израел. Нема да се откажеме против фаворитите, ќе играме најдобро што знаеме за достојно да ја претставиме нашата земја“, изјави селекторот.

Капитенот Никола Ѓоргиев во свој препознатлив стил, емотивно и борбено, порача дека Македонија нема однапред да се предаде пред никого, барајќи мудрост од поискусните играчи.

„Никој не може да ни го одземе правото да сонуваме, на теренот сме сите 6 на 6. Бугарија, Украина и Полска се огромни фаворити, но и Португалија и Израел веќе имаат запишано победа против нас, па ќе биде интересно. Мораме ние постарите да бидеме мудри, да не нè понесе еуфоријата. Ова за нас е како настап на Олимписки игри. Ветувам дека ќе изгинеме за секоја топка!“, вели Ѓоргиев.

За искусниот Владо Милев, ова Европско првенство ќе има посебно значење бидејќи тоа ќе биде негов последен настап во националниот дрес.

„Ова е четврто европско за нас. Имаме доволно искуство, наше е да го дадеме максимумот. Во спортот нема лесен и тежок противник“, истакна ветеранот.

Дебитантот на големите натпреварувања, новото либеро Филип Јованов, со нетрпение го чека својот момент да се докаже на големата сцена.

„Особено ми е чест што ќе бидам дел од вакво натпреварување, бидејќи претходните три ги следев на малите екрани. Свесни сме за противниците, но ќе се бориме за секој сет и секој поен“, вели Јованов.

Македонија ќе го одигра првиот меч на отворањето на континенталниот собир и тоа против домаќинот Бугарија, на 9 септември во Софија.