Музети го изненади Де Минор и ќе се бори за првата Мастерс титула во кариерата

Италијанскиот тенисер Лоренцо Музети е втор финалист на Мастерсот во Монте Карло откако попладнево, со пресврт го победи фаворизираниот Алекс де Минор (1-6, 6-4, 7-6).

Веројатно малкумина веруваа во вакво сценарио по воведниот сет кој Де Минор го доби со 6-1 за само 37 минути игра, со три брејка. Музети се разбуди на стартот на вториот сет кога одзеде сервис на противникот, Де Минор се врати на 2-2, но одлучи деветтиот гем во кој Италијанецот повторно направи брејк и потоа израмни во сетови.

И во третиот сет Музети го диктираше темпото, два пати освои сервис на ривалот, загуби еден свој, но при 5-4 сервираше за меч. Де Минор успеа да го одбие тој удар, израмни и потоа го одведе сетот во тај-брејк. Во него нешто подобар беше Музети кој стигна до конечна победа и до најголемиот успех во кариерата.

Досега има две АТП титули, двете од серијата 500, но никогаш порано не играл во финале на Мастерс турнирите, па утре против Алкараз ќе се бори за првиот трофеј. До финалето дојде апсолутно заслужено ако се знае дека на патот ги победи Лехецка, Циципас и денеска Де Минор.