Мареј има посебна желба за крај на кариерата: Сакам да го видам Новак со златен медал!

Љубителите на тенисот повеќе нема да можат да го гледаат Енди Мареј, кој својата богата кариера ја заврши со пораз во четвртфиналето во игра на двојки на Летните олимписки игри во Париз.

Британецот во своето последно обраќање кон новинарите го спомена и својот голем пријател, Новак Ѓоковиќ.

„Би сакал да го видам Новак да го освои златото. Знам дека тоа многу му значи, секој пат кога игра за својата земја може да се види колку тоа му е важно. Би било фантастично да го освои олимпиското злато“, изјави Мареј.

Тој на игрите во Париз се натпреваруваше само во двојки заедно со Даниел Еванс, каде што беа запрени во четвртфиналето од Американците Тејлор Фриц и Томи Пол. Ѓоковиќ, пак, се пласира во полуфиналето на олимпискиот турнир во кое ќе игра против Италијанецот Лоренцо Мусети.