Македонија против Јужна Африка ќе го почне настапот на Били Џин Кинг купот

Македонската женска тениска репрезентација денеска ги дозна противниците за мечевите од Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот (БЏК) кој од утре се игра во Ларнака, Кипар.

Македонија е во групата Ц заедно со Норвешка (носител), Јужна Африка и Косово.

Турнирот почнува утре, а прв противник на Македонија ќе биде селекцијата на Јужна Африка. Според програмата се играат прво двата сингл меча, а потоа следува мечот во двојки.

Врз основа на резултатите од првото коло ќе се одредат и двојките за следниот ден (вторник) кога ќе се играат мечевите од второто коло, додека мечевите од третото коло на програмата се во среда.

Во групата А се наоѓаат репрезентациите на: Бугарија, Египет и Израел, додека во групата Б се селекциите на: Естонија, Грузија, Босна и Херцеговина и Кипар (домаќин).

Трите првопласирани репрезентации од групите ќе продолжат во борба за двете први места што ќе значи и промоција (пласман) во Првата Евро-африканска зона за следната година. Второпласираните репрезентации од групите ќе продолжат да разигруваат за пласман од 4-6.место, а третопласираните ќе разигруваат за пласман од 7-9.место.

Двете четвртопласирани селекции во групите со четири репрезентации ќе испаднат од Втората Евро-африканска зона.