Лудо финале во САД: Не искористи три меч топки, па плачеше по поразот (ВИДЕО)

Алекс де Минер триумфираше на АТП турнирот од серијата 250 во Вашингтон, откако по голема драма во финалето го совлада Шпанецот Алехандро Давидович Фокина (5-7, 6-1, 7-6), во меч што траеше над три часа.

За Фокина, ова беше уште едно болно финале – четврто во кариерата, а трето загубено годинава и тоа повторно откако не искористи меч-топки. Сценариото наликуваше на она од Делреј Бич, каде што на почетокот од годината загуби од Миомир Кецмановиќ во слични околности. Иако имаше водство од 5-2 во одлучувачкиот сет, па и шанса да сервира за победа при 5-3 со предност од 30-0, Давидович Фокина не успеа да го затвори мечот. На 5-4 пропушти три меч-топки и во тај-брејкот потклекна под притисокот, дозволувајќи му на Австралиецот да дојде до својата десетта титула во кариерата.

По крајот на мечот, Де Минер не само што ја прослави победата, туку и покажа спортска големина, тешејќи го видно разочараниот Шпанец.