Лина Ѓорческа меѓу четирите најдобри тенисерки на турнирот во Грција!

За разлика од својот машки колега Калин Ивановски, кој не ја мина четвртфиналната пречка на фјучерсот во Мадрид, најдобра македонска тенисерка, Лина Ѓорчевска, се пласира меѓу четирите најдобри на турнирот во грчкиот град Ираклион, откако попладнево во два сета ја совлада Италијанката Софија Рочети.

Македонката фуриозна го почна дуелот и во првиот сет на противничката и дозволи да дојде до само еден гем, додека во вториот беше нешто понеизвесно, со оглед што таа го доби со резултат 6-4.

Ѓорческа за место во големото финале ќе игра против шестата носителка, Романката Бјанка Булгару, која ја победи пред само неколку дена во финалето на првиот турнир на грчкиот остров Крит. Победничката од овој дуел ќе се бори за титулата против подобрата од вториот полуфинален меч помеѓу Екатерина Макарова (Русија) и Дарја Семенистаја (Летонија).