Крај на една спектакуларна кариера: Надал оди во пензија по завршувањето на сезоната!

Некогашниот најдобар светски тенисер и освојувач на 22 Гренд-слем трофеи Рафаел Надал официјално ќе ја заврши кариерата на крајот од оваа сезона.

Во играчка пензија ќе замине на 38-годишна возраст, а својот план го објави пред неговиот прв меч на турнирот во Барселона.

„Зад мене се две тешки години, се случуваат некои работи во телото и не можев да го следам распоредот кој го сакав. Кога не можеш - не можеш. Ова е моја последна сезона на турот и сакам да уживам во секој момент“, порача Надал.

Во својата кариера тој освои вкупно 92 титули, но да не беа тешките повреди, овој број ќе беше многу поголем. Последните две години речиси да не учествуваше на турнирите, лани не играше воопшто поради повреда на колкот, на почетокот на оваа сезона се обиде да се врати, но настапи само во Бризбејн.