Италијанец владее во Мелбурн: Синер ја одбрани титулата на Австралија опен
Тоа е трета Гренд слем титула за италијанскиот тенисер во кариерата, сите освоени последната година. За Зверев, пак, ова е трет пораз во финалните натпревари на Гренд слем турнирите откако лани загуби на „Ролан Гарос“, а во 2020 година на УС Опен.
До финалето, германскиот тенисер стигна со само два загубени сета, но денеска апсолутно немаше шанси против расположениот противник. Во трите сета не освои ниеден брејк, а загуби два гема на свој сервис, доволно за Синер по вторпат да стане освојувач на Австралија опен.
Најблиску до освојување сет Зверев беше во вториот сет кој се решаваше на тај-брејк, но и таму Синер доминираше и го доби со 7-4. Германецот немаше ниедна брејк-топка, додека Синер имаше 10 од кои освои две. На крајот одлучија неизнудените грешки кои Зверев ги имаше 45, 18 помалку од својот противник.
По овој триумф, италијанскиот тенисер останува на првото место на АТП листата со 3.700 бода повеќе од Зверев, но многу поважно, потврди дека ланските резултати не биле случајност, туку дека игра во одлична форма и дека може уште долго да владее со светскиот тенис.