Има надеж за Ѓоковиќ: Невакцинирани тенисери ќе можат да играат во Австралија?

Новак Ѓоковиќ во неколку наврати јавно го изрази своето незадоволство поради задолжителното вакцинирање против Ковид-19. Поради неговите ставови доведено е во прашање дали ќе може да ја брани титулата на Австралија опен идната година. 

Оваа земја има најстроги ковид-протоколи во светот, а властите во државата Викторија, каде се наоѓа Мелбурн најавија дека спортистите кои немаат примено две дози вакцина не смеат да се натпревруваат.

Според шпекулациите во дел од европските медиуми, кои дојдоа до електронска пошта испратена од Женската тениска асоцијација (ВТА) до своите членови, можно е олабавување на рестрикциите во Австралија.

Можеби нема да биде потребна вакцинација за тенисерите и тенисерките да влезат во земјата, но доколку сакаат да играат на Австралија опен, прво ќе мора да минат две недели во карантин, како што беше случај тоа оваа година.

Засега официјалниот критериум е задолжителна вакцинација, што би значело дека најдобриот тенисер на денешницата Ѓоковиќ не би можел да настапи на грен слемот.