Идна тениска ѕвезда: Има 18 години, Надал му е идол, а веќе заработи милион долари!

Јаник Синер и Карлос Алкараз се тениските ѕвезди кои треба да ги наследат легендарните тенисери како Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер, меѓутоа сега се појави уште едно момче кое станува сè популарно.

Жоао Фонсека има само 18 години, односно роден е на 21 август 2006 година, а од него се очекуваат многу големи работи во иднина поради талентот со кој располага и веќе го докажа на теренот.

Неговата мајка Роберта е најголем „виновник“ за Фонсека да стане тенисер и идна бразилска ѕвезда во „белиот спорт“, односно го носеше на натпревари на неговиот идол Надал. Момчето брзо напредуваше, а во 2022 година ја предводеше својата јуниорска селекција до титула во Дејвис Купот. Токму во таа сезона стигна за првпат до четвртфинале и се проби меѓу најдобрите 1.000 тенисери во светот.

Фонсека доби и вајлд-карта за настап на Рио Де Жанеиро, каде што настапи на само 16 години, но „изгоре“ против поискусниот Алекс Молчан, меѓутоа Бразилецот забележа голем напредок од тој турнир.

Бразилецот ја отвори 2023 година со финале на Австралијан опен за јуниори, а потоа играше и полуфинале на Вимблдон и четвртфинале на Ју-Ес Опен, со што дополнително го промовираше својот квалитет.

Талентираниот тенисер оваа година подготвен ќе ги пречека квалификациите за Австралијан опен, односно се наоѓа на 145. место во светот и прогнозите се дека ќе направи голем исчекор и пласман во топ-10 уште на почетокот на 2025 година.