И победничката на Ролан Гарос се откажа од Русија, ама не поради Путин и војната!

Русија остана без уште еден голем тениски талент, откако актуелната јуниорска шампионка на Ролан Гарос, Алиса Октјабрева, одлучи во иднина да настапува под знамето на Чешка.

За разлика од дел од руските тенисерки, кои во последните години го сменија спортското државјанство поради политичките околности и последиците од војната во Украина, 17-годишната Октјабрева нагласува дека нејзината одлука нема никаква врска со тие причини. Таа е родена во Москва, но уште како едногодишно дете се преселила со семејството во Прага, каде што пораснала, тренирала тенис, се школувала и го изградила својот живот.

„Да бидам искрена, себеси се сметам за Чехинка. Имам проблем дури и со рускиот јазик. Во Прага сè е на чешки – училиштето, пријателите, тренерите. За мене Прага е дом“, изјави младата тенисерка.

Таа додава дека нејзината поврзаност со Русија е минимална.

„Кога велам дека се враќам дома, мислам на Прага. Во Русија сум била само еднаш во животот, кога настапив на Божиќниот куп за тенисерки до 14 години“, откри Октјабрева.

Со ова Чешка добива уште една исклучително перспективна тенисерка. Покрај титулата на јуниорскиот Ролан Гарос, Октјабрева веќе се наоѓа на 403. место на ВТА-листата и важи за една од најголемите надежи на својата генерација.

Таа е само последната во низата руски тенисерки кои го променија спортското државјанство. Најпознат пример е Елена Рибакина, шампионката на Вимблдон од 2022 година, која уште во 2019 година почна да настапува за Казахстан. Во минатото главна причина за ваквите одлуки најчесто беше незадоволството од финансиската поддршка на Руската тениска федерација, додека во последните години врз ваквите потези влијаат и околностите поврзани со војната во Украина.