Ѓоковиќ против Надал на „Ролан Гарос“ - последен пат?

Денеска во Париз е одржана ждрепката за претстојниот Гренд слем, „Ролан Гарос“ кој почнува в понеделник.

На четири дена пред стартот, потврдено е учеството на најголемите фаворити и покрај тоа што некои од нив се пожалија на повреди претходниот период и пропуштија неколку турнири. Ќе игра и Рафаел Надал, веројатно за последен пат на турнирот кој го освојуваше 14 пати во својата кариера.

Можно е за последен пат во Париз, тој да се сретне со својот некогаш голем ривал Новак Ѓоковиќ, но за тоа е потребно двајцата да стигнат до финалето. Надал се враќа на „Ролан Гарос“ по пауза од две години и за разлика од претходните настапи, сега нема да биде носител што е голем проблем за ривалите и покрај тоа што Шпанецот е далеку од најдобрата форма.

Уште во првото коло тој ќе има тешка задача бидејќи за противник го доби Александар Зверев. Ако победи, најверојатно ќе се сретне со Гофан, а потоа, според проекциите, му следуваат Грикспор, Руне, Медведев, Ѓоковиќ и Синер или Алкараз во евентуалното финале.

Ѓоковиќ има навидум лесна задача до четвртфиналето иако на патот се поставени мини како Музети и Пол. Во евентуалното четвртфинале може да се сретне со Руд или Фриц, а во полуфиналето потенцијални ривали му се Зверев, Медведев, Руне, Хачанов и Надал. Истото важи и Синер и Алкараз кои не би требало да имаат проблем до четвртфиналето.

„Ролан Гарос“ е исклучително важен момент во сезоната бидејќи е можно да дојде до промена на челната позиција. За да се случи тоа, има неколку сценарија, но најреално е ако Ѓоковиќ не успее да ја одбрани титулата, а Синер стигне барем до финалето.