Ѓоковиќ пак е ставен „зад решетки“, ноќеска ќе си ја дознае конечната судбина!

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, повторно е во имиграциски притвор, откако австралиската влада вторпат по ред му ја поништи визата за влез во Австралија, иако претходното ваквата нејзина одлука беше поништена од сојузниот суд во Викторија.

Според судските документи, Србинот ќе биде затворен на непозната, барем за јавноста, локација, сѐ додека овој пат австралискиот федерален суд не донесе одлука по неговата жалба на одлуката на министерот за имиграција, Алекс Хоук. Конечниот епилог на оваа веќе скоро десетдневна драма се очекува ноќеска по средноевропско време, кога Ѓоковиќ ќе го дознае одговорот дали повторно ќе му биде усвоена жалбата и ќе може да остане или, пак, ќе мора да биде депортиран.

Главен аргумент на владата на Австралија бил дека престојот на тенисерот во земјата би можел да „поттикне антивакцинално расположение“. Министерот Хоук вчера анулирањето на визата на Ѓоковиќ го образложи со „здравствени причини и причини кои се однесуваат на јавниот поредок“. Покрај протерувањето, анулирањето на визата за тенисерот може да значи и забрана за влез во Австралија во траење до три години.

Популарниот Ноле на Австралија опен, кој почнува в понеделник, сака да ја освои својата 21-ва грен слем титула и со тоа да постави нов светски рекорд, односно да се одвои од Федерер и Надал, со кои во моментов е изедначен на врвот од вечната листа. Случајот Ѓоковиќ во текот на изминатите денови постојано добиваше нови пресврти. Погрешните податоци за неговите патувања пред да полета за Мелбурн тенисерот ги образложи со „грешка“на својот тим. Тој се соочи со огромни критики поради тоа што имал средба со млади тенисери од Србија директно по неговиот позитивен корона-тест, како и поради тоа што еден ден подоцна имал интервју за француски весник.