Ѓоковиќ ја отвори душата: „Тој пораз ме уништи, најтежок ми е во кариерата“
Српскиот тениски ас се присети на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година, каде што како еден од главните фаворити за златниот медал доживеа елиминација уште во првото коло.
Ѓоковиќ тогаш загуби од Хуан Мартин дел Потро со 7-6, 7-6. Аргентинецот во тој момент се наоѓаше на 141. место на АТП-листата, но одигра фантастичен меч и приреди голема сензација. За Србинот, поразот бил особено тежок бидејќи на турнирот пристигнал во врвна форма. Неколку месеци претходно го освоил Ролан Гарос и ги држел сите четири гренд слем титули истовремено.
„Ова без сомнение беше најтежок пораз во мојот живот и кариера. Сè уште боли. Бев број еден во светот и ги имав освоено сите четири гренд слем турнири. Речиси и да не промашував. Тој пораз ме уништи и ме натера да се сомневам во моите способности“, се присети Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер по мечот не можеше да ги сокрие емоциите и теренот го напушти во солзи. Олимпиското злато, единствениот голем трофеј што му недостигаше во колекцијата, сепак успеа да го освои осум години подоцна. На Олимписките игри во Париз во 2024 година, Ѓоковиќ во финалето го совлада Карлос Алкараз и конечно стигна до толку посакуваното злато.
Интересно е што токму Дел Потро, против кого го доживеа еден од најболни порази, подоцна му стана близок пријател, па Ѓоковиќ и покрај разочарувањето од резултатот секогаш имал огромна почит кон Аргентинецот.