Ѓоковиќ: Ако не можам да се борам за титула на Вимблдон – нема ни да играм!

Седумкратниот шампион на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, е охрабрен од големиот напредок по операцијата на коленото направена пред три недели, но и покрај тоа најави дека ќе игра на третиот гренслем-турнир во годината (1-14 јули) само доколку почувствува дека може да се бори за титулата.

Тој се повреди на мечот од четвртото коло на Ролан Гарос и се повлече од четврт-финалето пред да биде опериран на 6 јуни, загрозувајќи ги надежите да се натпреварува на Вимблдон и на Олимписките игри во Париз. Српскиот тенисер, чие место на Игрите во Париз беше потврдено на почетокот на овој месец, објави видеа од враќањето на тренинзите на Инстаграм минатата недела пред да пристигне во Ол Ингланд клубот во недела и веднаш да започне со подготовките.

„Не дојдов овде да играм само неколку кола. Ако знам дека ќе можам да играм блиску до најдоброто или да го дадам најдоброто од себе, тогаш ќе настапам на Вимблдон. Во спротивно ќе се повлечам пред ждрепката и ќе му дадам шанса на некој друг да игра. Рехабилитацијата оди во вистинската насока, секој ден сум подобар од претходниот. Тоа е она што ми дава надеж и мотив да продолжам. Ги преземам работите чекор по чекор. Се уште не се форсирам целосно, но се надевам тоа ќе се случи во следните неколку дена“, изјави Ѓоковиќ за Би-Би-Си по тренингот во понеделникот.

Светскиот рекет број два сака да стави крај на црната низа во 2024 година во која се уште нема победа на ниту еден турнир, откако освои три од четирите гренслемови минатата година.