Дождот, ветерот и грмотевиците направија хаос на Австралија опен!

Организаторите на Отвореното првенство на Австралија се соочуваат со неочекувани проблеми поради невремето што го зафати Мелбурн на првиот ден од турнирот, па наместо типичните високи температури, дождот, грмотевиците и силниот ветер ги поплавија сите тениски терени на отворено, предизвикувајќи одложување на бројни мечеви и тренинзи.

Од 16-те терени, само три имаат покрив, што создаде дополнителен притисок врз распоредот на натпреварите. Сепак, дел од програмата беше одиграна, а најголемото внимание го привлече мечот меѓу Кеи Нишикори и Бразилецот Тиаго Монтеиро. Јапонскиот тенисер направи неверојатен пресврт, враќајќи се од негатива од два сета за да победи со 4-6, 6-7(4), 7-5, 6-2 и 6-3. Ова беше уште една потврда за неговата мајсторска игра во пет сета, каде што досега има остварено 29 победи од 37 мечеви.

Слична драма се одвиваше и на дуелот меѓу шестиот носител Каспер Руд и Шпанецот Мунар. По трииполчасовна борба, Руд успеа да се пласира во второто коло со победа од 6-3, 1-6, 7-5, 2-6, 6-1. Иако условите беа тешки, беше одигран и натпреварот меѓу Французинот Филс и Финецот Виртанен, каде што Филс славеше со 3-6, 7-6, 6-4, 6-4.