Циципас: Судија ве молам избркајте ја зуи како пчела! (ВИДЕО)

На меч меѓу Стефанос Циципас и Бен Шелтон, на тенискиот мастерс во Синсинати се случи еден од најбизарните прекини видени на терените. 

За време на сервис на Гркот, додека се подготвуваше да го удри топчето тој наеднаш застана. Се сврте кон публиката зад него, потоа повторно се обиде да сервира, но одново застана и се упати кон судијата на стол.

„Некој зад мене имитира пчела“

„Да?“, возврати судијата.

„Се слуша зуење точно пред да сервирам“

„Ќе се погрижам за тоа“, го смири судијата.

Тенисерот се врати кај публиката и праша кој е, а некој од погорните редови посочи на една средовечна дама, која дотогаш се правеше како првпат да слуша за муабетот. Со насмевка на лицето Циципас повторно отиде кај судијата и му кажа дека знае кој е.

„Тоа е госпоѓата зад мене. Таа мора да напушти. Вакво нешто никогаш не ми се случило во кариерата“, коментираше Циципас.

Судијата рече дека прво ќе ја замоли да престане, а ако тоа не помогне ќе ја исфрлат. За среќа, госпоѓата се вразуми, па мечот продолжи. Сето ова се случуваше во вториот сет, при водство на Американецот со 4-3, откако првиот го освои Циципас во тајбрејк. Потоа и вториот го доби со 7-6 и се пласира во осминафиналето.