Боли глава од бројките - Надал е апсолутен крал на земјата

Оваа сезона ќе замине во пензија, а бројките што Рафаел Надал ги оствари низ кариерата ќе останат недостижни за идните генерации.

По тримесечната пауза, Шпанецот се врати на турнирот во Барселона на кој славеше против Флавио Коболи од Италија со 2-0. Со тоа ја продолжи фантастичната статистика и потврди дека е крал на земјената подлога, дури и кога не е во најдобра форма.

Досега, Надал одиграл 111 турнири на земја и на 110 од нив победил во првата рунда. Единствениот пораз го доживеа од Хуан Карлос Фереро во 2008 година на Мастерсот во Рим. Веројатно и тогаш ќе победеше ако немаше повреда на стапалото кое го оневозможи да даде максимум.

Освен тоа, Надал никогаш не претрпел два пораза во низа на земјена подлога, а одиграл 577 натпревари. Низ кариерата има 91,3% победи на земја на која подлога освоил 62 од вкупно 92 титули.