Бивша шампионка на Роланд Гарос ја доби животната битка – го победи ракот!

Поранешната шампионка на Роланд Гарос, Италијанката Франческа Скијавоне после седум месеци молк, објави дека ја добила животната битка и успеала да го победи ракот со кој се борела во изминатиот период и затоа воопшто ја немало во јавноста.

Скијавоне (39) преку социјалните мрежи објавила дека тешка била борбата со болеста, но на крајот успеала да излезе како победничка.

„Еве каде бев последните седум месеци – ми беше откриен малиген тумор. Беше тоа најтешката битка во мојот живот. Но, најдоброто од сè е што успеав да победам. Тоа ми го кажаа пред неколку дена и почувствував таква среќа... Толку сум среќна што таа може со нож да се пресече. Се гледаме наскоро. Време е за новите проекти кои ги имам“, објавила Скијавоне.

Италијанката од тенисот се повлече пред една година, а ќе остане запаметена како шампионка на Роланд Гарос во 2010 година и трикратна освојувачка на ФЕД-купот со селекцијата на Италија.