Бајката продолжува: Полската Пепелашка се пласира во финалето на Ролан Гарос!
Станува збор за 24-годишна тенисерка, која во денешното полуфинале ја совлада Диана Шнајдер со 7-6, 6-4 по два часа и десет минути игра на централниот терен „Филип Шатрие“. Првиот сет донесе голема борба и по еден брејк на двете страни, па победникот беше решен во тај-брејк. Таму Хвалинска покажа повеќе смиреност, направи помалку грешки и поведе со 1-0 во сетови. Во вториот дел дебитантката продолжи со одличната игра, реализираше два брејка и успеа да ја задржи предноста за најголемата победа во својата кариера. Во финалето ја очекува нов предизвик против Мира Андреева, која во полуфиналето беше подобра од Марта Костјук и за која ова исто така ќе биде прво гренслем-финале во кариерата.
Приказната на Хвалинска станува уште поимпресивна ако се знае дека пред почетокот на турнирот се наоѓаше на 114. место на ВТА-листата. Благодарение на фантастичниот настап во Париз, од понеделник ќе направи огромен скок и за првпат ќе се најде меѓу најдобрите 30 тенисерки во светот. Полската Пепелашка, како што ја нарекуваат медиумите, веќе испиша историја како прва тенисерка која преку квалификациите успеала да стигне до финалето на Ролан Гарос. На патот до мечот за титулата таа запиша девет победи и загуби само еден сет, и тоа во третото коло против Марија Сакари.
ФОТО: X / @rolandgarros