Алкараз ги шокираше сите во Њујорк, па го растури Опелка

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз ја помина првата пречка на УС Опен откако ноќеска го совлада Американецот, Рајли Опелка со 3-0 (6-4, 7-5, 6-4).

Натпреварот траеше нешто повеќе од два часа, а Алкараз играше толку колку што е потребно за да се пласира во второто коло од последниот Гренд слем во сезоната. Во сите три сета оствари по еден брејк, а ги спаси сите три брејк топки кои ги имаше американскиот тенисер на овој меч. Интересно е тоа што Опелка имаше повеќе винери (33-23), но и дури 32 неизнудени грешки, дури 15 повеќе од фаворитот на овој меч.

По триумфот против Опелка, Алкараз виртуелно е нов лидер на АТП листата во живо бидејќи го помина Јаник Синер кому му беа одземени 2.000 бода, но Италијанецот вечерва треба да го игра мечот од првото коло на УС Опен, а ако ја одбрани титулата ќе остане на челната позиција.

Сепак, по синоќешниот натпревар, повеќе се зборува за новиот имиџ на Алкараз, отколку за неговата победа. На главниот терен во Њујорк тој дојде со нова фризура, односно без фризура бидејќи исшишан „на нула“. За присутните на трибините тоа беше вистински шок бидејќи на последните тренинзи пред почетокот, Шпанецот беше со старата „нормална“ фризура.