Норвешки ветеран по петти пат најдобар на супер-џи трката во Вал Гардена!

Денешната супервелеслаломска трка во Вал Гардена заврши со победа на Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал, за кого ова е трет триумф сезонава во супер-џи, а вкупно 36. во кариерата во трките од Светскиот куп.

Ветеранот уште еднаш покажа дека одлично се снаоѓа во италијанскиот ски-центар со оглед што за него ова е петта победа на истата патека за супервелеслалом. Воедно, тој се изедначи со Австриецот Бенјамин Рајх на седмото место на вечната листа според победи во Светскиот куп.

Свиндал денеска беше за пет стотинки побрз од Италијанецот Кристоф Инерхофер, а норвешкиот успех ги дополни Кетил Јансруд кој заврши како третопласиран. По денешниот успех, Свиндал е лидер и во генералниот поредок и во пласманот за супервелеслалом. Во вкупниот пласман има 297 бода односно 17 повеќе од ланскиот освојувач на Кристалниот глобус, Марсел Хиршер додека во супер-џи има 205 бода или 21 повеќе од Јансруд.

За утре во Вал Гардена е закажана трката во спуст.