Атанасовска: Сакав да докажам дека заслужено сум на ЗОИ и направив - наивна грешка!
Таа преку подолго соопштение даде анализа за своето учество на најголемото зимско натпреварување.
„После целата поддршка и доверба што ми ја дадовте, чувствувам обврска да го споделам со вас текот на моите настапи и пристапот кон овие Олимписки игри.
Велеслаломот, како што истакнав и пред самото заминување на Олимпијада, е дисциплина што речиси и не ја тренирав оваа сезона. Сепак, во изминатите пет дена успеав барем делумно да го вратам чувството. Првите две секвенци ги изведов солидно, но во рамниот дел — токму таму каде што најмалку очекував — ми се закачија скиите, изгубив контрола и паднав.
Спротивно на тоа, во слаломот настапив со поинаква увереност и пристап, знаејќи дека реално можам да влезам во ТОП 30. Верував во тоа. Тргнав силно и агресивно, не обрнувајќи доволно внимание на поставеноста на првите капии, мислејќи дека ќе можам да ги „фатам“. За жал, се случи тоа што се случи.
На стартот на слаломот навистина верував дека можам да се потпрам на моето знаење и искуство. Знаев дека можам да направам голем резултат — не ми требаше чудо, само да го одвозам она што секојдневно го покажувам на тренинзите. Но веројатно токму поради големата желба „изгорев“ во тој момент. Веќе на третата капија влегов со преголема брзина и преагресивно, што ме спушти под капијата и повеќе немав можност да се вратам.
Сакав да докажам дека знам, дека можам и дека ја заслужувам довербата што ми беше дадена од МОК, СФМ и од спортската јавност. И токму таа желба ме доведе до една, би рекла, непотребна и наивна грешка.
Во двете дисциплини, и во двата настапа, доколку возев со 60–70% од моите можности, уверенa сум дека ќе успеев да обезбедам пласман за нашата држава. Сепак, тоа не е во согласност со мојот спортски пристап — отсекогаш сум настапувала со цел да остварам висок резултат, а не само формално да се пласирам со значителен заостаток.
Искрено ми е жал што не успеав да ја израдувам Македонската јавност онака како што верував — дека нашето знаме навистина може да се најде меѓу најдобрите 30 натпреварувачки на Олимпијадата.
Сакам уште еднаш да изразам огромна благодарност за довербата и поддршката — од Македонската спортска јавност, од МОК и од мојата матична Скијачка федерација на Македонија.
Единственото што можам да го ветам е дека ќе продолжам напорно да работам и тренирам, и се надевам дека ќе дојде денот кога целосно ќе ја оправдам вашата доверба и поддршка — поддршка која искрено се надевам дека ќе продолжи и понатаму“, напиша Атанасовска.