Сребрен медал и две четврти места за Гавриловски на Светскиот куп на ФИДЕ!

Македонскиот велемајстор, Зоран Гавриловски, се закити со сребрен медал на Светски куп (СК) за составување на шаховски композиции во групата матови во два потега, а беше четвртопласиран во групата матови во три потези и групата матови во четири и повеќе потези.

Медалите и признанијата ќе бидат предадени на 63. конгрес, кој ќе се одржи од 16 до 23 октомври во Родос (Грција), како за годинешниот така и на ланскиот СК, кога Гавриловски освои две бронзени медали во групите матови во два потега и самоматови (нему претходно му беа дадени бронзен медал за 3. награда на 3.-от СК 2013 во групата матови во три потези и златен медал за 1. награда на 4.-от СК 2015 во групата помошни матови, а на 61. Светски конгрес на ШК во Охрид 2018 г. освои златен медал на официјалниот турнир во групата помошен мат во два потега).

Меѓу целите на овој најсилен светски поединечен турнир за составување ШК, што се одвива во 8 категории (7 групи на проблеми и групата студии), спаѓаат развивање и промовирање на шахот и шаховската композиција. Најуспешни на 9.-от СК 2021, чиј директор беше рускиот ВМ за ШК Јуриј Базлов, се шаховските композитори од Русија со 5 златни медали (1 освоен од Директорот на ФИДЕ за ШК Андреј Селиванов), 4 сребрени и 1 бронзен медал, пред оние од Украина со 1 златен, 2 сребрени и 1 бронзен медал. Најдобар учесник во 9.-от СК 2021 е рускиот ВМ за ШК Евгениј Фомичев со две златни медали во групите матови во три потези и матови во 4 и повеќе потези. Од познатите играчи на практичен шах најуспешен е славниот ВМ Јан Тиман од Холандија со бронзен медал во групата студии. Во СК на ФИДЕ 2021 учествуваше и нашиот ФИДЕ мајстор Бошко Милошески со проблеми во четири групи, кои не освоија одликување.