ШК Алкалоид со нови медали на младинските првенства, промовиран и ШК Мулти Есенс

Викендов во Скопје се играа партиите од државните првенства за 2024 година за млади шахисти во екипна конкуренција, со учество на вкупно 42 екипи во сите конкуренции (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), што сведочи за зголемениот интерес на младите низ целата држава за изучување на шаховската игра. 

Јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид се враќаат со медали од секоја категорија. Во највисоката категорија, за играчи до 18 години, втора година по ред младинците го обезбедуваат златниот медал и претставуваат олицетворение на она што е потребно за успех во шахот: континуирана напорна работа со врвните велемајстори на екипата, како и учество на силни турнири за градење солидна натпреварувачка форма. Во овој состав беа Никола Бошковски, Матех Бојковски, Иван Велкоски, Марко Ѓакоски и Бонита Јакимова, притоа со напомена дека Иван Велкоски имаше 100 % успех во однос на сите играчи на овој турнир.

На другите турнири од младинските првенства, односно во конкуренција до 12, 10 и до 8 години, јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид освоија сребрени медали. Во конкуренцијата до 10 години имаше и посебни екипи пријавени во женска конкуренција. Претставничките на клубот се закитија со бронзен медал.

Новиот шаховски клуб кој е поддржан од компанијата АЛКАЛОИОД АД – ШК Мулти Есенс – а во кој членуваат дел од напредните младинци над 14 години, освен на јуниорските првенства ќе игра и во сениорска конкуренција. Играчите од ШК Мулти Есенс започнаа со натпревари со учество на државните екипни првенства за млади шахисти во категориите до 14 и до 16 години, а натпреварите за овие категории се во тек и ќе продолжат во последниот викенд од април. 

Екипата на ШК Мулти Есенс е комплетирана и со постарите младинци до 20 години, ќе започне да се натпреварува во системот на екипни сениорски натпревари и на 20/21 април како нов тим ќе учествува во квалификациите за Втората лига, каде што ќе биде шеста екипа според стартниот рејтинг.