Националната пливачка федерација со посебно признание му се заблагодари на Поп Ацев

Откако најдобриот македонски маратонец Евгениј Поп Ацев стигна до третата титула светски првак во ултрамаратони на Светската пливачка федерација (ФИНА), Националната пливачка федерација денеска со посебно признание го дочека својот пливач.

Поп Ацев третпат триумфира во оваа светска серија, почнувајќи од првиот триумф во 2015 година, а третото место на маратонот од Капри до Неапол му беше доволно за да стигне до третата круна. Денеска во Националната пливачка федерација му беше организиран свечен дочек на најдобриот маратонец како благодарност за афирмацијата на пливањето и Македонија во светот.

„Успесите на Евгениј Поп Ацев се за огромна пофалба, и треба да бидат одбележани. Во 2015 прво место, 2017 прво место, 2019 прво место, сите во светскиот куп во ултра гран-при серијата под календарот на Светската пливачка организација. За овие успеси, и за другите негови достигнувања Националната пливачка федерација на Евгениј Поп Ацев му доделува посебно признание за афирмација на спортот за достојно претставување на Република Македонија. Неговите успеси се и наша гордост“, рече претседателот пливачката федерација, Александар Филипчев.