
Параглајдерист од Германија паднал од голема височина на Галичица!
За негова среќа, во тој момент тројца спасители на Планинската спасителна служба (ПСС) се наоѓале во планинарската куќа „Спиридон“, веднаш до спасителната станица, која располага со специјализирана опрема за вакви интервенции. Тимот за само 15 минути пристигнал на местото на несреќата, извршил имобилизација на повредениот и започнал тежок транспорт по стрмен терен, кој дополнително бил усложнет од ноќните услови.
По повеќе од еден час напорна акција, повредениот бил безбедно спуштен до превојот Баба и предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Тој веднаш бил пренесен во Специјалната болница „Св. Еразмо“, каде му биле констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот.
Од ПСС апелираат до сите посетители на планината на внимателност и одговорно уживање во есенскиот амбиент на Галичица, нагласувајќи дека безбедноста мора секогаш да биде на прво место.