Темелковски: Претседателот на МОК наликува на севернокорејски политичар!

Првиот претседател на македонската кошаркарска федерација, Зоре Темелковски, не остана нем за случувањата поврзани со Македонскиот олимписки комитет (МОК), неговиот претседател, Даниел Димевски и Борко Ристовски.

Темелковски прокоментира дека казната изречена од МОК кон Борко е злоупотреба на функцијата претседател за лични пресметки. Тој го критикуваше Димевски, но и целио МОК, барајќи оваа институција да добие прв човек, кој бил спортист, а не политичар.

„Можеме да го сакаме или не Борко, но тој е ракометна македонска легенда. Од тие причини сакам да бидам чесен и објективен како поранешен спортист и спортски работник што не ме остава во целата оваа 'приказна' да останам настрана. Ако човек прифати да извршува јавна функција, треба да биде свесен дека ќе биде изложен на критика, основана или неоснована, бидејќи секој има право на свое мислење и ставови. За јавно изговорените неоснованите навреди, лаги… постојат судови. Функцијата претседател на МОК не смее да се злоупотребува за лични пресметки со врвните спортисти. Наместо промотор на спортот и спортистите МОК удира по легендите кои ги немаме многу. Претседателот на МОК кој никогаш не играл спорт, а со помош на политичките пријатели стигна до позиција на моќ за да одлучува кој смее, а кој не смее да игра спорт, ми наликува на неговиот севернокорејски колега. Затоа се сомневам за подлабока позадина во која се сака да се фрли ракометот на колена и под целосна контрола на МОК. За да не ни се случуваат вакви чудни нешта во македонскиот спорт, време е МОК за првпат во самостојна Македонија да добие лидер спортист, а не политичар“, прокоментира Зоре Темелковски.

Борко Ристовски доби „забрана за работа во олимпискиот спорт во траење од четири години“, за коментари на сметка на Димевски, изречени во емисија на телевизија Алфа.