„Таков е спортот - еден ден ќе паднете, но веќе во следниот ве очекува нов почеток“

Швајцарската скијачка Лара Гут кажа дека не очајува, иако четири години подготовки за спустот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг го уништи за помалку од минута.

Гут пред четири години освои бронзен медал во Сочи, а многумина ја сметаа сега за една од фаворитките, но направи голема грешка и остана без пласман. Беше тоа ново разочарување за Швајцарката, која имаше тежок пад во велеслалом, а за 25 стотинки остана без бронзен медал во супервелеслалом.

Освојувачката на „Кристалниот глобус“ од 2016. година, оваа сезона полека, но сигурно ја подобруваше својата форма по тешката повреда, која ја заработи минатата година на Светското првенство, кога скина лигамент во левото колено.

„Ќе морам да чекам уште четири години за олимписки спуст. Живееме за вакви моменти, секој ден тренираме за нив, па разочарувачко е поради тоа што заврши вака. Но здрава сум и тоа е најважно. Се надевам дека ќе успеам да се вратам на Олимписките игри. Така е кај нас спортистите – еден ден ќе паднете, но следниот ве чека нов почеток“, објасни Гут.