Ристовски: Спортистите повеќе нема да рекламираат обложување и коцка!
Овој меморандум значи взаемно разбирање меѓу двете страни и подразбира етички однос во кој спортистите - поранешни, активни или млади таленти, нема да бидат директно користени за било какво рекламирање на коцкањето и на игрите на среќа.
„Спортистите ќе може да бидат вклучени во промовирање на спортски игралишта како и на настани поврзани со промоција на вистинските вредности во спортот, почитувајќи ги принципите на морал, етика и одговорност кон општествените вредности. Тоа беше најважниот сегмент што сакавме да го постигнеме со оваа иницијатива покрената од Министерството за спорт за која наидовме на разбирање од Државна Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија и ова е еден убав почеток на идна соработка“, изјави министерот Ристовски.
Поранешниот ракометен репрезентативец уште на почетокот на новата функција најави борба за прекинување на праксата спортисти да промовираат вакви хазардерски игри, што беше позитивно прифатено и од самите актери, кои во минатото се наоѓаа како заштитни лица на компании кои се занимаваат со обложување и игри на среќа.