Полска, Обединетото Кралство и балтичките земји не сакаат Руси и Белоруси на ОИ во Париз!

Пет земји, покрај Украина, официјално се изјаснија дека не сакаат учество на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри кои ќе се одржат во Париз во летото 2024.

Полска, Обединетото Кралство, Летонија, Литванија и Естонија побараа од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) целосен бојкот на спортистите од овие две земји, поради руската агресија врз Украина, која трае од февруари 2022.

„Силно веруаме дека сега не е време да се отвора пат за руските и белоруските спортсти да се вратат на ОИ со каков било статус. Додека ИОК ја донесе конечната одлука, силно упатуваме да ги преиспита плановите и да се врати на оригиналниот, веќе проверен став поддржан од меѓународната заедница. Потсетуваме дека Русија и Белорусија имаат начин како да им помогнат на своите спортисти да се вратат на меѓународната спортска сцена - со прекинување на воената агресија од Русија, а помогната од Белорусија со што би ги воспоставиле почитта, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, пишува во соопштение издадено од полското министерство за надворешни работи, а потпишано и од Обединетото Кралство и балтичките земји.

Оваа нивна реакција доаѓа откако во јануари ИОК омекна и го помести почетниот став донесен уште лани во февруари за целосна изолација на спортистите од Русија и Белорусија. Им дозволи преку азиските натпреварувања да остварат олимписки норми и да се натпреваруваат во Париз како неутрални спортисти, без никакви национални обележја. 

Првиот човек на олимпиското движење, Томас Бах, апелира дека „ИОК не е организација, која може да биде судија во глобалните политички конфликти“, а се плаши и дека може да се вратат симптомите на „Студената војна“, кои донесоа до бојкот на Игрите во Москва во 1980 и во Лос Анџелес во 1984.